Македонските градови Велес и Прилеп, во соработка со три грчки општини, ќе го реализираат проектот за имплементација на мерките за енергетска ефикасност во јавни објекти, поддржан од ИПА фондовите за прекугранична соработка на ЕУ. Од планираните 800.000 евра, за двете локални самоуправи од земјава ќе се одвојат 285.000 евра за реконструкција и спроведување на мерките за енергетска ефикасност во пет објекти на детската градинка „Димче Митрев“ во Велес и во средното економско училиште во Прилеп. Зградите на овие образовни институции ќе добијат нови термички фасади, нови прозорци и покрив. Општина Прилеп ќе може да повлече финансиски средства во висина од 80.000 евра, додека останата сума ќе се насочи кон Велес.
Покрај двата македонски града, од грчка страна ќе бидат вклучени општините Лерин, Ираклија и Висалтија. Изведбените зафати ќе се остварат во наредните 15 месеци. Дел од финансиските средства ќе бидат искористени и за изработка на техничка документација што ќе допринесе кон полесно аплицирање за други проекти до европските фондови, додека одреден сегмент ќе биде насочен и кон подигање на јавната свест на граѓаните за важноста на енергетската ефикасност.