Претходна статија
Пет компании заинтересирани да го градат плоштадот „ВМРО“
Следна статија
Доцни изградбата на пречистителната станица во Гевгелија

Од недела стартува летниот ред на летање на македонските аеродроми

Објавено на 26.03.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) за претстојниот ред на летање одобри 141 лет неделно од скопскиот и од охридскиот аеродром или за 16 повеќе во однос на минатогодишната летна сезона. Со новиот ред на летање, кој почнува да важи од недела – 30 март, на македонското небо влегува познатата авиокомпанија „Алиталија“. Тие ќе започнат да оперираат од мај 2014 година со седум лета неделно на релацијата Рим – Скопје – Рим, при што овој авиопревозник ќе има и сопствено претставништво во македонската метропола. Од скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“ во редовниот авиосообраќај ќе бидат вклучени 14 авиокомпании, со директни врски до 25 дестинации. Освен кон Дубаи, македонските аеродроми и понатаму нема да бидат поврзани со летови кон останатите континенти.

 

 

 

Нискобуџетниот авиопревозник „Виз Ер“ има воведено 18 летови повеќе во однос на минатогодишната летна сезона, и тоа на релација Скопје – Брисел, Скопје – Париз, Скопје – Келн, Скопје – Франкфурт и Скопје – Милано. „Германија флугеселшафт“ ќе има два лета повеќе во однос на минатата сезона на релација Скопје – Берлин. И превозникот „Џетерфлај“ има еден лет повеќе со летниот ред на летање, кој ќе значи одржување на линиите Скопје – Брисел – Скопје и Охрид – Брисел – Охрид. Покрај редовниот сообраќај, во летните месеци ќе има и чартер летови, со бројка што сè уште не е конечно утврдена. Засега е познато дека од македонските аеродроми ќе има директни чартер летови кон Бодрум, Дизелдорф, Анталија и Амстердам. Според бројките на АЦВ, заклучно со февруари 2014 година бројот на операции во воздушниот превоз од двата аеродроми е зголемен за 7,9%.