Претходна статија
Нови пешачки зони и плоштади во центарот на Скопје
Следна статија
До септември ќе биде завршена првата македонска термоелектрана на биогас

Се бараат идеи за развој на скијачкиот центар на Галичица

Објавено на 22.03.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

МЕПСО објави Покана за пројавување на интерес од приватните компании за инвестирање во идниот скијачки центар и одморалиште во Националниот парк „Галичица“. Заинтересираните во периодот до 30 јуни треба да го достават својот концепт за развој на проектот, големината на инвестицијата, планот за вложување и начинот на работење на туристичкиот комплекс. Скијачкиот центар „Галичица“ е предвидено да се развива како планинско – езерско одморалиште за четири сезони, кое треба да се гради од охридската и од преспанската страна на планината.

 

Во првата фаза од развојот е планирано да се пронајде приватен партнер за инвестирање, проектирање, изградба, стопанисување и одржување на ски – центарот и езерското одморалиште од охридската страна. Овој пакет вклучува изведба на ски – центар, кој ќе се состои од скијачки патеки во должина од 15 километри, ски – лифтови, системи за вештачки снег, објекти за услужни дејности, паркинг и други пропратни објекти. Инвеститорот ќе треба да изгради и гондола за осум лица што ќе поаѓа од локацијата во близина на кампот „Градиште“ и ќе ги транспортира скијачите до падините на Галичица.

 

#Воедно, предвидена е изградба на планинско одморалиште во рамките на Националниот парк „Галичица“ и туристички комплекс долж Охридското езеро, проекти кои предвидуваат вложување во хотели, апартмани, вили, комерцијален простор и други пропратни содржини. Во втората фаза од планот за развој, слични објекти и инфраструктура е предвидено да се градат и на преспанската страна од планината. Скијачки центар ќе има капацитет да прими од 3.000 до 4.000 скијачи на ден или максимални 150.000 посетители во текот на зимската сезона. Канадската компанија „Екосајн Маунтин Ризорт Планерс“ (Ecosign Mountain Resort Planners Ltd.) и хрватски „Хорват и Хорват консалтинг“ (Horwath & Horwath Consulting) до мај 2014 година треба да ја завршат Физибилити студијата и Мастер планот за изградба на центарот.

 

Постапката за пројавување интерес ќе се одвива во две фази кои треба да завршат до 31 јули 2014 година. Врз основа на доставените предлози од приватните партнери и изготвената документација за ски – центарот, македонската влада ќе ја подготви тендерската документација и ќе ја започне постапката за избор на најповолен понудувач со кој ќе биде склучен договор. Државната компанија МЕПСО го склучи договорот за изработка на физибилити студијата на крајот на 2012 година.