Претходна статија
„Инком Инженеринг“ и „Есперанца“ се победници на конкурсот за населбата „Јака“
Следна статија
Катната гаража спроти „Макпетрол“ во натпревар за меѓународната награда „Архитизер А+“

По ЕЛЕМ, и турската „НеСа Енерџи“ ќе гради ветерен парк кај Богданци

Објавено на 18.03.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Паркот на ветерна електрана „Вардар Проект“ со инсталирана моќност од 50 мегавати е вториот проект за искористување на обновливата енергија од ветерот на кој активно се работи во земјава. Турската компанија „НеСа Енерџи“ е заинтересирана да инвестира во енергетски објект од овој вид во општините Богданци и Дојран, за кој до локалните самоуправи веќе е доставено Известување за намера за изведување на проект. Во документот се наведува дека турците ќе изградат 20 ветерници со висина од 100 метри, дијаметар на елисата од 50 метри, ветерна турбина и генератор со моќност од 2,5 MW, трансформатор, подстаница, нова трафостаница 20/110kV и пристапен пат во должина од 7 километри.

 

#Турците планираат да го градат ветерниот парк североисточно од Богданци, над вештачката акумулација „Паљурци“. Досегашните мерења на брзината на ветерот на ниво на Македонија покажаа дека токму овој дел од земјава е најповолен за вакви вложувања. Според плановите на „НеСа Енерџи“, ветерниот парк ќе се простира на површина од околу 50 хектари. Оваа компанија минатата година веќе потпиша писмо за намери со општина Богданци за инвестирање во проектот, кога и за прв пат ја запозна македонската јавност со него.

 

Ако се реализираат намерите на специјализираната турска компанија за финансирање и менаџирање на проекти од областа на обновливата енергија, во Богданци ќе се изгради вториот ветерен парк во земјава. Државната компанија ЕЛЕМ во моментов активно работи на завршување на ветерниот парк „Богданци“, од кој првите киловат часови електрична енергија ќе се произведат во текот на претстојнава пролет.

 

 

» Форумска дискусија за ветерните електрани во Македонија