Дури 10% од градежното земјиште во Македонија е со незапишани права на сопственост. Агенцијата за катастар на недвижности во претстојниот период ќе впише околу 50 илјади парцели за кои не се утврдени сопственичките права. Катастарот има податоци за 40 илјади локации и за нив по службена должност ќе се изврши впишување, со што граѓаните бесплатно ќе се стекнат со имотен лист. За останатите парцели е објавен повик до граѓаните за доставување на сите документи, со цел и тие да се запишат во катастарот. Со довршувањето на овој проект ќе се заокружи процесот за вметнување на имотите од целата територија на земјава. На тој начин, сите граѓани ќе можат да се стекнат со сопственичко право на имотите што ќе им овозможи да учествуваат на пазарот на недвижности или да ги заложат истите во комерцијални банки за добивање кредити.
Со спроведувањето на проектот до крај, ќе се доврши процесот на приватизација и откуп на дворното земјиште по цена од едно евро за метар квадратен. Со оваа активност на 26 илјади граѓани ќе им се овозможи побрзо да го завршат процесот на легализација, при што по пониски трошоци тие ќе можат да дојдат до сопственост на својот имот. Според податоците на Агенција за катастар на недвижности, во Македонија има 4,2 милиони градежни парцели, од кои 90% се впишани во катастарот.