Падот на пазарната вредност на становите во Македонија продолжил и во текот на минатата година. Просечната цена на еден метар квадратен станбена површина лани изнесувал 46.825 денари или нешто над 761 евра, што претставува намалување од 6,2% во споредба со претходната година. По извештајот за цената на становите во Скопје на консултантската куќа „Фортон“, со речиси идентични бројки денеска излезегоа и од Државниот завод за статистика. Во нивниот извештај за 2013 година се вели дека просечната цена на еден метар квадратен лани во Скопје изнесувала 54.857 денари, што е за 6,5% помалку во споредба со 2012 година, додека во останатите градови од земјава таа изнесувала 39.264 денари или за 9,4% помалку во однос на 2012 година.
Зголемен пад на цената на станбените единици е забележан во второто полугодие од минатата година. Во овој временски период таа е намалена за 12,5% во однос на првите шест месеци од годината, при што во главниот град падот изнесува 8,1%. Во статистичкиот документ е пресметана вредноста на становите без данокот на додадена вредност. Пред неколку дена, статистички бројки објави и консултантската компанија „Фортон“, која констатираше пад на вредноста на становите во македонската метропола од 6%. Според нивните податоци, највисока цена на становите во износ од 1.200 евра за метар квадратен е забележана во општина Центар, додека најевтини живеалишта лани се нуделе во општина Ѓорче Петров.