Претходна статија
Градските советници го утврдија барокниот изглед на 15 згради од центарот на Скопје
Следна статија
Тетовскиот универзитет ќе добие дел од скопската касарна „Илинден“

Понудата ита напред, побарувачката на пазарот на недвижности истоштено ја следи

Објавено на 19.02.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На недвижностите во главниот град им се неопходни купувачи и изнајмувачи. Консултантската компанија „Фортон“ во својот извештај за втората половина од 2013 година констатира зголемување на празниот канцелариски простор во деловните објекти во Скопје, пораст на слободниот празен малопродажен простор и зголемување на понудата на нови станови на пазарот. За цели 46% се зголемила понудата на нови живеалишта лани во Скопје во споредба со 2012 година, додека залихата на малопродажен простор во периодот јули – декември 2013 година пораснала за 9% во однос на првата половина од 2013 година. Понудата на деловен простор во метрополата во овој период се зголемила за 2,28%, споредено со првите шест месеци од минатата година.

 

 

 

Поголеми придвижувања се забележани во секторот домување. Просечната продажна цена на живеалиштата во Скопје лани се намалила за 6%. Со регистрирана вредност од 1.200 евра за метар квадратен, Општина Центар води според висината на продажните цени во главниот град, додека на најевтини станови се нудат во Општина Ѓорче Петров. Понудата на резиденцијален простор во главниот град во 2013 година се зголемила за 46% во споредба со 2012 година, при што поголемиот дел бил понуден во првите шест месеци. Инвеститорите и понатаму се сконцентрирани на вложување во општините Аеродром, Центар и Карпош, кои учествуваат со 66%  од вкупниот број на понудени живеалишта.

 

Според податоците на „Фортон“, бројот на непродадени домови во втората половина е намален за 11% во однос на првото полугодие од 2013 година. Вкупните непродадени живеалишта учествувале со 41% од изградените единици во извештајниот период, при што бројот на празни станови е намален поради снижувањето на продажната цена и намалувањето на новоизградените објекти на пазарот. Изградбата на нови живеалишта во македонската метропола во периодот јули – декември 2013 година се намалила за 13,3%.

 

Во делот на малопродажниот простор, констатиран е пораст од 9% во понудата во споредба со првата половина од 2013 година. Вкупната залиха на просторот за малопродажба изнесувала 181.448 метри квадратни. Површината на празни површини во трговските центри, галериите за малопродажба и главните пешачки зони изнесувала 16,9%. Во „Соравија“ има највисок процент на слободен простор од дури 70%, по неа следуваат „Буњаковец“ и „СП Планет“ со 35%, како и Градскиот трговски центар во кој 27% од вкупниот простор е слободен за изнајмување или купување. Висината на закупнините за премиум површините во овој период не се променила и истата се движи од 27 евра за метар квадратен долж главните пешачки зони до 40 евра за метар квадратен во скопските трговски центри.

 

Од „Фортон“ истакнуваат дека канцеларискиот простор во главниот град во втората половина од 2013 година се зголемил за 6.634 метри квадратни, додека закупениот простор изнесувал 2.636 метри квадратни, што е за 82% помалку закупена површина во споредба со првите шест месеци. Стапката на празен простор во споредба со претходните шест месеци во деловните објекти е зголемена за 21% и истата достигнала вкупно 35.118 метри квадратни. Цените на закупнините за канцеларискиот простор од класа А на најатрактивните локации во Скопје се движеле од 11 до 14,5 евра за метар квадратен, а оние од класа Б во премиум делот на градот изнесувале од 7 до 10 евра за метар квадратен. Притоа, не се забележани позначајни промени на цената на закупнините за време на втората половина од 2013 година. Консултантската компанија „Фортон“ два пати годишно подготвува Преглед на пазарот на недвижности за главниот град.