Министерството за здравство од овогодинешниот буџет одвои 24 милиони денари за целосна реконструкција на здравствениот дом – поликлиника „Букурешт“ во населбата Карпош 3. Во наредните пет месеци ќе се реализира градежен зафат за темелна санација на овој здравствен објект. За време на реконструкцијата, поликлиниката ќе функционира според вообичаеното работно време. Освен помала санација на прозорците, санитарните јазли и тоалетите, во изминативе 50 години не е направен ниту еден позначаен градежен зафат во склоп на зданието. Проекцијата на надлежното министерство е реконструкцијата да се комплетира до одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на постоење на установата во текот на јули годинава. Тендерот за избор на градежна компанија што ќе го реализира проектот беше распишан кон крајот на ноември минатата година.
Поликлиниката „Букурешт“ ја проектирал романскиот архитект Еуџену Космати и истата е изградена на почетокот од 70-тите години на минатиот век. Објектот е подарок на Н.Р. Романија како помош за разурнатото Скопје и неговите граѓани по катастрофалниот земјотрес од 1963 година.