Претходна статија
Ќе се поврзе ли Демир Хисар повторно со воз?
Следна статија
Општина Неготино продаде седум градежни парцели

Македонското собрание ќе блесне во новиот лик до крајот на годинава

Објавено на 26.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

За најмногу 10 месеци се очекува да се комплетираат градежните работи за реконструкција и надградба на Собранието на Република Македонија. Иако првично беше предвидено земјава да добие саниран дом на парламентот најдоцна до 2012 година, сепак изведбата на зајакнувањето на ѕидовите на објектот е причина за пробивање на рокот за негово завршување. Во денешниот опсежен текст на Македонската информативна агенција (МИА) се даваат детали од моменталната фаза на реализација на проектот преку разговор со собраниската архитектка Билјана Ивановска. „Заклучно со декември 2013 година завршен е левиот дел од главниот влез на Собранието. Тука спаѓа сутерен ресторанот, во приземјето Спомен собата АСНОМ, Струшката соба, Банкет собата и Клубот на пратениците, нагоре во оваа вертикала се работни простории што се на првиот и на вториот кат од објектот, како и делови од надградбата, чиј што еден крак веќе е вселен, две од шесте сали за состаноци се готови и дваесетина работни канцеларии кои веќе се вселени“, истакнува Ивановска.

 

 

 

Најсложениот дел од проектот беше реализацијата на трите замислени куполи и дополнителниот кат. За обезбедување на околу 80 нови канцеларии и шест комисиски сали, веќе е издигнат предвидениот кат. Досега е завршена една од двете мали куполи, која во претстојниот период ќе биде ентериерно уредена. Големата купола конструктивно е готова и покриена, а допрва треба да се завршат внатрешните изведбени работи и да се уреди салата што се наоѓа под неа, која се простира на 600 метри квадратни.  Во однос на надворешниот изглед на објектот, градежната оператива ја тргна некогашната фасада, при што на нејзино место се поставува нова термичка фасада. На тој начин, објектот во кој се сместени македонските пратеници ќе ги задоволи неопходните мерки за енергетска ефикасност.

 

Реализацијата на овој проект досега ги чинеше македонските граѓани над 11 милиони евра, вклучувајќи го и дополнително склучениот договор во вредност од околу 800.000 евра. Изведувач на градежните работи е компанијата „Бетон“ од Скопје, додека за проектирањето, изведбата и монтажата на куполите е ангажиран е „Факом“. Градежните активности за реконструкција и надградба на објектот во кој е сместен македонскиот парламент започнаа на 1 април 2010 година.