Претходна статија
Архитектите против предложените измени на Законот за градење
Следна статија
Изградбата на автопатот Демир Капија - Смоквица тече според предвидената динамика

Раководството на ГТЦ тивко ја подготвува неговата реконструкција

Објавено на 24.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Мирна вода брег рони. Без премногу експонирање во јавноста, раководството на Градскиот трговски центар продолжува со постапката за поставување барокна фасада на овој маркантен објект во центарот на Скопје. Директорот на ГТЦ, Аго Абазовски во изјава за весникот „Вест“ тврди дека летово ќе почне реконструкцијата на трговскиот центар. Тој наведува дека не постои никаква законска пречка за доградба и обнова на фасадата на ГТЦ. Врз основа на избраното идејно решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, во моментов се работи на изведбениот проект кој треба да биде готов за шест месеци. По комплетирањето на проектната документација, ќе се распише тендер за избор на градежна компанија што ќе го реализира градежниот зафат.

 

 

 

Раководството на ГТЦ на крајот од мај минатата година го избра идејното решение за реконструкција и доградба на објектот. Идниот „барокен“ комплекс ќе чини неколку милиони евра, а со замислата на победничкиот архитектонски труд е предвидена изведба на три куполи и десетици антички столбови. Последниот кат од ГТЦ ќе добие тераса со бројни скулптури. На ваквата идеја се спротивстави Асоцијацијата на архитекти на Македонија, неколку невладини организации, но и Општина Центар. Изворот на финансиите за овој проект засега останува непознат. Според објавените информации на Македонската берза, нето добивката на А.Д. Градски трговски центар за 2012 година изнесувала само 811.492 денари.