Претходна статија
Екологистите се бунат, карванот за изградба на „Бошков мост“ и „Луково поле“ си врви
Следна статија
Уште еден тендер за изградба на скопскиот трамвај

Објектите долж булеварот „Илинден“ ќе добијат нови фасади

Објавено на 15.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Министерството за култура, Градот Скопје и општина Центар заинтересирани за враќање на сјајот на објектите долж скопскиот булевар „Илинден“. На веб – страницата на Бирото за јавни набавки денеска се објавени резултатите од Конкурсот за избор на идејно решение за реконструкција на фасадите на 13 објекти, лоцирани на потегот од фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк до седиштето на владата.  Авторите Никола Стакинов и Лазар Димов имаат најдобри архитектонски трудови за девет од планираните зданија за санација, архитектот Звонко Ставрески е добитник на две први награди за своите дела, додека едно идејно решение на архитектот Бујар Муча ја доби првата награда од формираната комисија на Град Скопје што одлучи по пристигнатите трудови на распишаниот конкурс, на кој имало шест учесници. Првата награда за секое избрано решение изнесува 25.000 денари.

 

По завршувањето на првата фаза, локалната власт од Скопје треба да избере кој ќе ги изработи основните проекти. Покрај Градот Скопје, во обновата на фасадите ќе се вклучи и Министерството за култура преку Конзерваторскиот центар – Скопје. Во рамките на проектот за обнова и конзервација на 250 фасади на староградски куќи на целата територија на Македонија, вклучени се и објекти лоцирани долж булеварот „Илинден“. Пред неколку дена е потпишан договор за реставрација на фасадата од куќата на булевар „Илинден“ бр.41, која ќе ја изведува компанијата „МАКАУС Благоја“ од Скопје.

 

Внимание за решавање на проблемот со дотраените фасади долж овој скопски булевар пројави и општина Центар. За изработка на термичка фасада на објектот на булевар „Илинден“ бр.85 е потпишан договор со фирмата „Пелагонија“ од Гостивар. Покрај примената на мерките за енергетска ефикасност, со потпишаниот договор во висина од 4.080.341 денари е предвидено и освежување на фасадната боја на зданието. Идејата за санацијата на дотраените фасади долж овој скопски булевар беше обелоденета во 2010 година, од Градот Скопје, за време на неговото проширување и реконструкција.