Претходна статија
Се крчка реализацијата на туристичкиот комплекс во Љубаништа
Следна статија
Чаир ќе биде првата гасифицирана општина во Скопје

8 милиони евра за реконструкција на објектот на Албанскиот театар

Објавено на 11.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Започна реконструкцијата на зданието на Албанскиот театар, лоцирано во непосредна близина на Бит пазар. Во присуство на премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери, беше означен почетокот на зафатот со кој ќе се интервенира во архитектурата, ентериерот, акустиката, сценската технологија, аудио и видео системите, термотехничките, електричните инсталации и хидротехничките инсталации во објектот стар четири децении.

 

„Овој театар во минатото работеше во услови на дотраеност и руинираност и по барање на Албанскиот театар, Владата за негова целосна реконструкција издвои 8 милиони евра. Со цел да излеземе во пресрет и на Албанскиот и на Турскиот театар, по реконструкцијата овој театар ќе функционира како Албански, а до крајот на овој месец ќе стартува изградбата на нов Турски театар“, изјави премиерот Никола Груевски. Проектот предвидува делумно рушење на постоечкиот објект, кој ќе се доведе до ниво на темели и зградата ќе се гради на досегашната основна плоча. Наместо една, во иднина Албанскиот театар ќе има две театарски сали за непречено одвивање на уметничката програма. Градежните работи треба да се комплетираат најдоцна до септември идната година.

 

Идејното решение и проектната документација за реконструкцијата на ова културно здание ја изработи „Мегарон инженеринг“ од Скопје, а за изведувач е избрана италијанската компанија „Ламоне Мореда“. Надзорот врз градежните работи ќе го врши „Градежен институт Македонија“. Додека трае зафатот, театарските ансамбли ќе продолжат да работат во стариот објект на МНТ – Центар, како и на сцените на другите театри.