Претходна статија
Распишан тендер за доизградба на Милениумскиот крст
Следна статија
Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип влегува во инвестициски циклус

Македонија ќе основа фонд за енергетска ефикасност

Објавено на 05.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Министерството за економија, во соработка со Светската банка, работи на формирање фонд за енергетска ефикасност, со чии финансиски средства ќе се спроведат мерки за заштеда на енергија во јавните згради. Конечниот рок за негово основање не се објавува, но извесно е дека Македонија ќе треба да ја заврши постапката што е можно побрзо. Покрај инвестициите од државата и локалната самоуправа, за формирање на фондот е предвидено е да се земат и кредити од меѓународните финансиски институции. Подобрувањето на енергетската ефикасност кај јавните објекти би чинела 95 милиони евра, а дополнителни 12 милиони евра ќе треба да се вложат во енергетската контрола на објектите и подготовка на неопходната документација за нивно спроведување.

 

Според веќе подготвените пресметки, вкупната основна годишна потрошувачка на енергија во јавните згради изнесува 506.599 MWh, што претставува 20% од потрошувачката на енергија на комерцијалниот и услужниот сектор во земјава. Најголем консумент на енергија е секторот образование со учество од 58,5%, а потоа следува секторот здравство со 27,2%. Министерството за економија пресметало дека од вкупно 2.441 јавни згради, во обемниот и долгорочен проект за спроведување мерки за заштеда на енергија ќе бидат вклучени 2.235 згради или 91,6% од вкупниот број.

 

Под поимот јавни згради, се вклучени сите објекти на територијата на Македонија што потпаѓаат под овие категории: општински згради, згради на здравствените институции, универзитети и научни институти, државни административни згради и социјални институции. Во зависност од постоечката состојба во која се наоѓаат јавните објекти, предвидено е да се реализираат различни активности за заштеда на енергија.

 

Во документот „Национална програма за енергетска ефикасност во јавните згради во Република Македонија“ се наведени следниве мерки за енергетска ефикасност: термичка изолација на надворешни ѕидови, замена на постоечки прозорци и врати, термичка изолација на покривот и на кровот, вградување на системи за автоматско управување со работата на постојните потстаници во јавните згради приклучени на системот на централно греење, реконструкција на котларите кај постојните системи на топловодно радијаторско греење, замена на постоечките печки на огревно дрво со нови, високоефикасни печки и поставување нови радијаторски маски во детските градинки кои овозможуваат поголема емисија на топлина.

 

Покрај за топлинската енергија, зацртани се и мерки за заштеда на електрична енергија, како што се мерките за подобрување на осветлувањето и замена на постоечките пумпи во системите за топловодно греење со нови енергетско ефикасни пумпи. Кај некои објекти ќе се применат поголем дел, но кај поновите градби е пресметано дека треба да се реализираат само минимални мерки. На ниво на европските земји, веќе неколку години наназад се реализираат програми за реновирање и реконструкција на јавните згради со цел за заштеда на енергија, чекор што Македонија ќе мора да го следи.