Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Се наѕира новата фасада на владата
Следна статија
Стартуваше реконструкцијата на пругата Ногаевци - Неготино

Скопските булевари и улици приоритет и за догодина

Објавено на 26.12.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Тмурна и со загаден воздух, македонската метропола ги дочека ветувањата на нејзиниот градоначалник за наредната година. Изградбата и реконструкцијата на булевари и улици по кои ќе се движат уште повеќе возила ќе остане приоритет. Скопскиот градоначалник Коце Трајоновски денеска ги презентираше главните проекти што ќе се реализираат во текот на 2014 година. На прво место е реализацијата на третата фаза од проектот за проширување на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, на потегот од некогашната фабрика „Алумина“ до улицата Московска. Големо значење има и проширувањето на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, на делот од улицата Џон Кенеди до зградата на општина Чаир. Во делот на намалувањето на сообраќајниот метеж ќе се оствари и проектот за продолжување на булеварот Партизански одреди кон населбата Ѓорче Петров, поточно до неодамна изградениот кружен тек кај поликлиниката во оваа општина.

 

 

 

Меѓу останатите проекти што првиот човек на Скопје ги најави се и: проширување на улицата Трета Македонска бригада, проширување на улицата Маџари, решавање на проблемот со водоснабдувањето во Шуто Оризари, реконструкција на скопските училишта, изведба на гасни котлари во средните школи „Зеф Љуш Марку“, „Арсениј Јовков“ и „Панче Караѓозов“, реконструкција на библиотеката „Браќа Миладиновци“ и изградба на вертикална лифтовска платформа во Младинскиот културен центар.

 

На средбата со новинарите, градоначалникот не заборави да ги спомене и круцијалните проекти што чекаа долги години на реализација. „Во мај наредната година треба целосно да биде пуштен Центарот за контрола на сообраќајот, да заврши проектот за поставување на автобуските постојки, а ќе бидат распишани и нови тендери за трамвај во Скопје и за изградба на Луна парк, изјави Трајановски. Во рамките на денешното обраќање, првиот човек на Град Скопје ги спомена и проектите што се завршија во текот на изминатите 12 месеци.