Претходна статија
Новата Универзална сала ќе има форма на јајце
Следна статија
Се нудат на продажба уште 14 парцели за куќи во населбата „Јака“

Остар пад на бројот на предвидени станови во текот на октомври

Објавено на 05.12.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Инвеститорите на нови станбени објекти во Македонија решија да паузираат со изградбата на нови станови. Според податоците на Државниот завод за статистика, во октомври 2013 година се издадени градежни дозволи за изградба на 347 станбени единици, со корисна површина од 27.990 метри квадратни. Забележано е значително намалување од 30,7% кај бројот на предвидени станови за градба, но и остар пад од 33,6% кај нивната корисна површина во споредба со истиот месец лани. Деловните субјекти ја започнале постапката за градење на 129 станови што ќе се простираат на 7.319 метри квадратни, додека и понатаму најголем дел од инвестирањето во овој вид недвижности го реализираат физички лица.

 

 

 

Како и досега, најголем интерес владее за вложување во изведбата на трисобни (162) и двособни станбени единици (68). Скопскиот регион со издадени одобренија за градење на 245 станови предничи пред полошкиот со 39 и југоисточниот регион со 28 станови што е планирано да се градат во наредниот период. Во делот на општините, инвеститорите се насочени кон вложување во овој вид недвижности во општините Аеродром (120), Чаир (104) и Гостивар (13). Ако се земат во предвид флуктуациите кај предвидените станови за градба од месец во месец во 2013 година, останува отворено прашањето каков ќе биде завршниот биланс во однос на станбената изградба во текот на оваа година.

 

Според статистичкиот извештај, во октомври 2013 година се издадени 147 одобренија за градење, што е за 43% помалку во однос на истиот месец од минатата година. Според издадените градежни дозволи, предвидената вредност на објектите изнесува 2.552.689.000 денари, што е за 18,7% помалку во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број на одобренија за градење, 100 (68%) се наменети за објекти од високоградба, 25 (17%) за објекти од нискоградба и 22 (15%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 147 зданија, на 103 (70,1%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 44 објекти (29,9%) инвеститори се деловни субјекти.