Ако продолжат сегашните тенденции, железницата во земјава ќе ја има една од најлошите години во работењето од осамостојувањето на Македонија. Во периодот јули – септември 2013 година се превезени само 218 илјади патници, односно за 10,7% помалку во споредба со истиот период од минатата година. За разлика од периодот од пред пет години кога со железница патуваа и по 1,5 милиони патници годишно, во првите девет месеци од годинава се транспортирани само 636 илјади патници. Товарниот железнички сообраќај во третиот квартал од годинава бележи намалување од 9,3%, при што во првите девет месеци се превезени само 1.702.000 тони стока, вклучувајќи ги и транзитните возови долж Коридорот 10.
Опаѓање на количеството на превезена стока е забележано и кај патниот превоз. Камионџиите во периодот јули – септември 2013 година транспортирале 8.700.000 тони стока, што е за 8% помалку во споредба со истиот период од минатата година. Во овие статистички бројки не е вклучен транзитниот сообраќај. Наспроти нив, превозот на патници во патниот транспорт бележи зголемување од 7%, односно услугите на автобуските компании во третото тримесечје од 2013 година ги искористиле 11.802.000 патници. Зголемување од 1,3% е констатирано и кај градско – приградскиот превоз.
Најголем раст во македонскиот транспорт и понатаму бележи воздухопловниот превоз. Во првите девет месеци од оваа година со авион патувале 831.855 патници, а само во третиот квартал од 2013 година се регистрирани 362.849 лица што го користеле овој вид транспорт. Со тоа, порастот на патничкиот авиосообраќај изнесува 18,4%. Зголемување од 3,1% е констатиран и кај товарниот воздухопловен транспорт.