Претходна статија
Стартуваше зонското паркирање во Битола
Следна статија
Со мерки за енергетска ефикасност, државата очекува заштеда од 13 милиони евра годишно

Општина Центар можела да заштеди 8 милиони евра на „Скопје 2014“

Објавено на 28.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Експертската комисија за ревизија на реализацијата на проектот „Скопје 2014“ во делот кој се спроведуваше преку Општина Центар ја заврши својата работа. Подготвениот извештај е објавен на веб – страницата на општината, а на оваа тема денеска беше организирана и прес – конференција. Главното откритие во објавениот документ е дека претходното раководство можело да заштеди финансиски средства во износ од 487.962.558 денари или околу 8 милиони евра, доколку се избрале најевтините понуди на тендерите за изведба на 11 споменици од централното градско подрачје. Како победници на тендерите, во сите случаи се јавуваат италијанските леарници „Fonderia Ferdinando Marinelli“ и „Piettro Bazzanti & F.“ Според градоначалникот Центар Андреј Жерновски, една од италијанските фирми воопшто не била регистрирана за лиење на споменици, туку за гоблени, везови и антички мебел.

 


Фото: архива на „Билд“

 

 

Жерновски напомена дека на тендерите во периодот од 2008 до 2010 година биле прифаќани понуди што биле поскапи и до 227% од останатите понуди. Во изготвениот извештај од ревизорите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски за секој од изведените споменици се објаснува колку финансиски средства се потрошени за негова реализација. Општина Центар овој материјал ќе го поднесе до Јавното обвинителство, а допрва ќе се поведе истрага за дел од вработените во општината кои учествувале во тендерските постапки. Градоначалникот Жерновски најави и дека постои можност граѓаните својот став за судбината на спомениците да го искажат на референдум, заедно со претстојните избори напролет.