Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) постави калкулатор на својата веб-страница, со кој граѓаните ќе можат да ги пресметаат трошоците за потрошувачката на електрична и топлинска енергија. Целта на овој калкулатор е потрошувачите да можат со едноставно внесување на неколку параметри да пресметаат колкави би биле нивните трошоци за електрична енергија, односно колку би плаќале за услугите на топлификациониот систем во Скопје, за загревање на една иста грејна површина. РКЕ преку оваа мерка сака да ги поттикне потрошувачите во насока на зголемување на интересот за планирање на потрошувачката на енергија, како и да им помогне во нејзиното рационално користење.
„Калкулаторот ќе им помогне на граѓаните во навремено планирање и намалување на трошоците за греење во зимскиот период кога тие се и најголеми, а истовремено на долг рок ќе придонесе да се зголеми свесноста дека треба навремено и рационално да се носи одлуката за избор за загревање на домовите на граѓаните“, изјави претседателот на РКЕ, Димитар Петров. При пресметката на трошоците за електрична енергија, граѓаните треба да го внесат износот на потрошени киловат-часови, кој може да се види на задната страна од месечните фактури за електрична енергија. За пресметка на трошокот на топлинска енергија, единствено што е потребно да се внесе грејната површина на станот, со што се добива просечниот месечен трошок за греење.