Министерството за здравство деновиве објави тендер за избор на градежна компанија за претстојното реновирање на здравствениот дом – поликлиника „Букурешт“ во скопската населба Карпош 3. Еден од најпознатите објекти изградени по Скопскиот земјотрес во моментов е во незавидна состојба и му е потребна итна реконструкција. Освен остварените помали проекти, од неговата изградба до денес не е изведен ниту еден капитален санационен зафат во рамките на оваа установа. Потребната документација е изготвена, а по изборот на најповолниот понудувач ќе се пристапи кон изведба на градежните активности. Заинтересираните компании можат да ги достават своите понуди најдоцна до 4 декември, кога ќе се знае и фирмата што ќе го реализира реновирањето на објектот.
Поликлиниката „Букурешт“ ја проектирал романскиот архитект Еуџену Космати и истата е изградена на почетокот на 70 – тите години на XX век. Зданието е подарок од Н.Р. Романија како помош за разурнатото Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година.