Воведување на овластувања за ангажираните агенти и менаџери за посредување со недвижности и лиценцирање на друштвото во кои тие се вработени. Досегашниот хаос со непрофесионалноста на некои агенции за недвижности треба да се реши со Закон за посредување во прометот со недвижности. Агенциите што се членки на Групацијата на агенции за недвижности при Стопанската комора на Македонија бараат донесување на легислативата, притоа активно вклучувајќи се со свои сугестии и предлози. Групацијата во изминатиов период ги разгледа законските решенија по ова прашање од другите земји и констатираше дека сите земји – членки на Европската унија имаат донесено ваков закон. Главната цел со овој потег е да се регулира работата на секторот за промет со недвижности.
Од групацијата наведуваат дека никој во Македонија не води статистика за бројот на непродадени станови. Оттаму нагласуваат дека во земјава најмногу се купуваат станови со помала квадратура и со пониски цени. Со исклучок на извештаите за бројот на планирани станови што се градат и на годишниот извештај за изградените станови на Државниот завод за статистика и на бројките за вредноста на становите во Скопје од Народната банка, во Македонија не постојат месечни официјални документи за бројот на изградени станови, бројот на непродадени станови или пак за флуктуациите на нивната цена.