Државата продава две локации за изградба на станбени згради во Реонски центар Аеродром. На инвеститорите им се нудат градежни парцели со големина од 1.560 и 1.554 метри квадратни, на кои може да се подигнат деветкатен и петкатен објект за колективно домување. Почетната цена на земјиштето изнесува 4.300 денари за метар квадратен, а депозитот за учество на електронската лицитација изнесува 700.000 денари. Сите заинтересирани ќе мора да достават и банкарска гаранција за сериозност на понудата во износ од 20.000 евра. Крајниот рок за поднесување на пријавите е 13 декември, а наддавањето ќе се одржи на 20 декември.
* Реонски центар Аеродром, Фото: Архива на „Билд“
Најповолните понудувачи се обврзуваат да обезбедат градежна дозвола во период од девет месеци по склучувањето на договорот, додека станбените згради ќе мора да се изградат во рок не подолг од шест години од денот на издавањето на одобрението за градба. Според статистичките показатели на Државниот завод за статистика, во општина Аеродром во изминатите неколку години се градат најмногу нови објекти за колективно домување во Македонија.