Претходна статија
Ќе се покрива сцената на Долни Сарај во Охрид
Следна статија
Ќе се изготвува проект за модернизација на првиот блок од ТЕ Битола

Во септември се зголемил бројот на предвидени станови за градба

Објавено на 05.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Деловните субјекти и физичките лица во текот на септември годинава добиле градежни дозволи за изградба на 502 стана, со вкупна корисна површина од 42.992 метри квадратни. Според пресметките на Државниот завод за статистика, во деветтиот месец од годинава пораснал бројот на предвидени станови за 5,5% во споредба со идентичниот период лани, додека нивната корисна површина се намалила за 9,6%. Физичките лица добиле одобренија за градење на 372 станбени единици, а кај компаниите оваа бројка изнесува 130. Од публикуваните податоци се забележува дека најголем интерес кај инвеститорите има за трисобни (212) и четворособни станови (134).

 

 

 

Полошкиот регион е најатрактивен за вложување во реализацијата на нови објекти за домување, каде што се предвидени 200 станови, а по него следуваат скопскиот со 111 и североисточниот регион со 83 планирани станови за градење. Кога станува збор за локалните самоуправи, најмногу станбени единици е предвидено да се градат во Гостивар (184), Куманово (83) и Аеродром (73). Во споредба со позначителниот пад од претходните неколку месеци, статистичките податоци за септември покажуваат дека доаѓа до стабилизација на бројката на издадени градежни дозволи за подигање на станбени објекти.

 

Сепак, основните податоци за придвижувањата во градежниот сектор во текот на септември се негативни. Во овој месец се издадени 121 одобрение за градење, што е за 54,5% помалку во однос на ланскиот септември. Зацртаната вредност на објектите што треба да се градат изнесува 5.059.549.000 денари, што претставува пораст од 112,2%. Од вкупниот број на издадени одобренија за градба, 81 (66,9%) се наменети за високоградба, 9 (7,5%) за нискоградба и 31 (25,6%) за реконструкција. Од вкупно 121 објекти, на 88 (72,7%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 33 (27,3%) инвеститори се деловни субјекти.