Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на прес – конференција ги објасни новите измени на Законот за градење, според кои од 1 ноември сите административни постапки за градење ќе се спроведуваат исклучиво по електронски пат. Правните и физичките лица во иднина ќе мора електронски да ги поднесуваат барањата за издавање на одобренија за употреба на градба, одобрување на идеен проект, одобрение за подготвителни работи, одобренијата за пренамена, реконструкција и адаптација, барањата за измени во текот на изградбата, за промена на инвеститор, како и барањата за издавање на решение за изведување на градби за кои не е потребно одобрение за градење.
Овие новини претставуваат продолжение на веќе започнатиот процес за издавање на градежни дозволи по електронски пат, кој започна да се спроведува на 1 јуни годинава. Министерот Јанакиески информираше дека досега се поднесени 1.044 барања за добивање на одобрение за градење, при што од локалните самоуправи досега се издадени 205 вакви документи. Воедно, тој напомена дека сите постапки што се започнати пред 1 ноември ќе се завршат во хартиена форма. Македонија е првата земја од Балканот што воведе електронски систем за издавање на градежни дозволи. Очекувањата од овој систем се дека ќе се забрза добивањето градежни дозволи и ќе им се олесни постапката за градење на домашните и на странските инвеститори.