Ј.П. „Градски паркинг“ во периодот од 1 ноември до 1 април нема да изнајмува велосипеди. Поради зимскиот период, велосипедите што го „преживеаја“ некултурното однесување на граѓаните во изминатава четврта сезона ќе одморат до април, за кога е предвидено во системот да се вклучат дополнителни 90 примероци. Од 150 велосипеди што беа пуштени за употреба во април, до денес целосно се уништени дури 30 од страна на неодговорните граѓани. За одржување на превозните средства на две тркала се издвоени 270 илјади денари, додека приходите од нивно изнајмување изнесувале 155 илјади денари. Засега не се предвидуваат нови идеи и посмели решенија за натамошен развој на проектот „Скопје изнајми велосипед“.
Во изминативе неколку месеци граѓаните имаа можност да изнајмат велосипед на некој од четирите пунктови во општините Центар, Аеродром и Карпош, по цена од 10 денари за еден час користење. Градот Скопје го стартуваше овој проект во јуни 2010 година, како уште една дополнителна можност за користење на алтернативен превоз во рамки на главниот град.