Претходна статија
Започна втората фаза од проширувањето на прилепскиот булевар „Александар Македонски“
Следна статија
Продолжува реконструкцијата на фасадите на стари објекти во Карпош

На местото на сапунарата „Цветан Димов“ ќе се гради дваесеткатница

Објавено на 31.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Остатоците од фабриката за сапун „Цветан Димов“Општина Кисела Вода конечно во потрага по решение за средување на просторот околу некогашната фабрика за сапун „Цветан Димов“. На местото на полусрушената градба обрасната со растенија во иднина ќе се гради станбена зграда со максимум 20 ката. Локалната власт објави оглас за продажба на градежната парцела со површина од 4.403 метри квадратни, на која е предвидено да се подигне објект со висина од 25,20 до 57,50 метри и со површина од 42.517 метри квадратни. Локацијата ќе се наддава по почетна цена од 4.300 денари за метар квадратен, при што депозитот за учество на електронското јавно наддавање изнесува 1.950.000 денари.

 

Покрај пријавата за учество, заинтересираните инвеститори се должни до општина Кисела Вода да достават и банкарска гаранција во износ од 20.000 евра за сериозност дека ќе ја уплатат дадената понуда на електронската лицитација. Најповолниот понудувач ќе ја има обврската на сопствен трошок да ја урне некогашната сапунара, пред да почне да ја гради висококатницата. Краен рок за доставување на пријавите за учество е 3 декември, додека купувачот на локацијата ќе се знае на 11 декември, за кога е закажано јавното наддавање.

 

Предложена архитектонска интервенција за претворање на фабриката во Мултимедијален уметнички центарЗапуштената градба на влезот во населбата Кисела Вода со години побудува интерес кај интелектуалците за нејзино активирање, но не и рушење. Во јавноста се пласираа идеи за сквотирање на објектот од општествено ангажирани групи, но пред две години во рамките на изложбата „Подмладување“ се пласираше и архитектонски труд за претворање на објектот на некогашната фабрика во Мултимедијален уметнички центар.