Министерот за економија Ваљон Сарачини ја посети тетовската општина Теарце, каде што изврши увид во изградбата на три мали хидроелектрани на реката Бистрица со вкупна инсталирана моќност од 7,5 мегавати, кои ги гради компанијата „Сол Хидропауер“. До крајот на годинава ќе бидат завршени две хидроелектрани, додека последниот објект ќе биде комплетиран најдоцна до април 2014 година. Инвестицијата во овие проекти изнесува околу 15 милиони евра, при што очекуваното годишно производство е проценето на околу 28 гигават – часови електрична енергија. Во општина Теарце ќе се градат дополнителни четири мали хидроелектрани на Одранска река од страна на компаниите „Супер Ноува Енерџи“ од Тетово и „ЕМК Мали хидроелектрани“ од Скопје.
До почетокот на 2014 година треба да проработат 32 мали хидроелектрани низ цела Македонија. Во моментов се изградени 17 енергетски објекти од овој вид, со инсталирана моќност од 12 мегавати, во кои се вложени над 20 милиони евра. Во наредните месеци треба да се довршат уште 15 мали хидроелектрани, со капацитет од 16 мегавати и инвестиција проценета на 27 милиони евра. Министерот Сарачини во изјава за медиумите истакна дека досега се издадени 68 концесии за вода на приватни компании, кои треба да вложат во изградба на објекти за искористување на водата во производство на електрична енергија. Очекувањата се дека во малите хидроелектрани ќе се инвестираат околу 120 милиони евра, додека планираното годишно производство на електрична енергија би изнесувало помеѓу 40 и 50 гигават – часови.