Иако веќе неколку години завршуваат со неуспех, Градот Скопје ја продолжува практиката за распишување тендери за пронаоѓање приватен инвеститор за изградба на најавениот нов забавен парк на локацијата на постоечкиот Луна парк во Скопје. Наместо да се промени стратегијата и моделот за реализација на овој значаен проект за главниот град, во денешните дневни весници осамна уште еден оглас за доделување договор за воспоставување на јавно – приватно партнерство за финансирање, дизајнирање, изградба, работа и одржување на планираниот комплекс со површина од околу 40.000 метри квадратни во Градскиот парк. Како и досега, предвидено е концесијата за јавна работа со приватниот инвеститор да се склучи за период од 35 години.
Рокот за доставување на понудите од заинтересираните субјекти е 28 ноември, за кога е закажано и нивното јавно отворање во просториите на Град Скопје. Промена во однос на претходниот тендер може да се забележи во критериумите што ќе бидат применети при доделување на договорот. Вметнати се три критериуми, при што цената на дневен билет за влез и неограничено користење на реквизитите ќе се вреднува со 40 поени, рокот за изведба на забавниот парк ќе се валоризира со 40 поени, додека 20 поени ќе се доделат за капацитетот, поточно бројот на кориснички седишта на адреналински реквизити. Како услов за доделување на концесијата, приватните компании што сакаат да учествуваат на тендерот ќе треба да докажат дека имаат остварено вкупни приходи од најмалку шест милиони евра во последните три години.
Како и во претходниот оглас, Градот Скопје и во актуелниот тендер детално ја опишува катастрофалната состојба во која денес се наоѓа Луна паркот:
-атракциите се многу стари и нивната состојба не е соодветна за минималните стандарди за квалитет потребни за вакви објекти;
-напојувањето со електрична енергија е старо и не ги задоволува тековните потреби и не ги исполнува пропишаните мерки за заштита;
-водоводната и одводната канализациона мрежа во моментов е запрена и пумпите не работат правилно;
-хидрантската мрежа за противпожарна заштита мора целосно да се обнови.