На овогодинешното Биенале на македонската архитектура, во конкуренција на 170 трудови, големата награда ја доби проектот Винарија Стоби на авторите Александар Радевски и Викторија Ставриќ – Радевски. Капацитетот се наоѓа во индустриската зона на Општина Градско, во непосредна близина на стариот пат Скопје – Гевгелија. Веќе е ставен во функција, а за два месеци треба да биде целосно завршен. Објектот има П форма која е условена од конфигурацијата на теренот, потребата од различни сообраќајни пристапи и максимално искористување на парцелата. Во негов состав влегуваат 8 функционални единки периметрално распоредени околу централниот двор и со вкупна квадратура на сите нивоа од приближно 9.000m². Единките се со пропорција во сооднос од 1:1 (24m х 24 m) и 1:1,618 (24m x 38,8m – златен пресек). Се работи за објект од „отворен карактер“ проектиран и за вински туризам, а без нарушување на технолошкиот процес. Во иднина е предвидена и триаголна кула-видиковец висока 35m, која на највисокото ниво би содржела ресторан со прекрасен поглед на околината, пред се реката Вардар и локалитетот Стоби.
Кога ви беше доверен проектот? Какви цели си зацртавте и од каде црпевте инспирација?
– Проектот за винаријата го започнавме во февруари 2008 година. Првата фаза беше изготвување на идеен проект со комплетно разработување на технолошката шема и поставување на бараната опрема. На идејното решение се работеше приближно 7 месеци. Во тој период постојано бевме во контакт со технолозите и енолозите кои активно учествуваа при разрешувањето на техничко-технолошките проблеми, кои ние како архитекти требаше да ги имплементираме во објектот. Основните параметри кои сакавме да ги задоволиме при проектирањето на оваа винарија беа постигнување на функционалност и пропорцијата. Да напоменеме дека појдовен елемент беше секоја единка (има 3 различни) да биде во некоја пропорција, а воедно да одговара и на технологијата. Ваквиот пристап беше прифатен и од страна на технолозите кои на одреден начин ја прилагодија поставеноста на технологијата спрема условите на објектот.
Пред да започнеме со проектирањето, темелно и со голем интерес ги анализиравме веќе изградените винарии или проекти за винарии на големите архитектонски имиња како Santiago Calatrava, Norman Foster, Renzo Piano, Zaha Hadid, Alvaro Siza, Herzog & de Meuron и други архитекти. Најмногу обрнавме внимание кон нивниот начин и пристап при проектирањето и материјалите кои тие ги користеле.
Секако инспирација беше и самата локација односно неговата видливост од автопатот Скопје – Гевгелија, падот на теренот, опкружувањето и поставувањето на објектот во однос на регионалните и локалните патишта.
Какви специфични проблеми постави пред вас дадената задача?
– Како првичен проблем со кој се сретнавме беше локацијата, која навидум изгледаше доста едноставна. Се работи за терен во пад, кој има висинска разлика од 9 метри. Како проблем се наметна и тоа што технологијата бараше хоризонтална поврзаност, па од овие два т.н. „проблеми“ произлезе дел од објектот биде вкопан. Ваквата поставеност влијаеше и самиот терен да се прилагоди спрема потребите на објектот. Прилагодувањето на теренот и разрешувањето на внатрешниот сообраќај мораше да ги задоволи и потребите на објектите кои би се граделе во блиска иднина на пошироката локација. Сите овие параметри во самиот почеток влијаеа врз оформувањето и поставувањето на сите објекти од комплексот.
Кои се квалитетите на проектот кои би ги издвоиле и на кои сте најмногу горди?
– Во секој случај најмногу сме горди на тоа што објектот е реализиран. Тоа е сон на секој архитект односно да се изведе објектот, и тоа во целост и на начин на кој го осмислил и финално го обликувал. Посебно нешто што би издвоиле е самиот облик на објектот и начинот и третманот на фасадата, како и челичните конструкции за портирниците и надстрешниците на влезовите. Тие се елементите кои допринесуваат за препознатливоста на објектот. Секако дека треба да се спомне и третманот и внесувањето на колоритност на фасадата. Предизвикот беше поголем и поради тоа што изведбата на сите овие елементи е од материјали кои се достапни кај нас и се во широка употреба во градежништвото. Сепак нашиот објект поради своето опкружување и местоположба, големина и карактеристична обработка се наметнува и не може да остане незабележан.
Со оглед на тоа дека архитектите кај нас ретко ја имаат потребната слобода и се најчесто приморани да се држат во многу ригидни рамки кои ги наметнуваат инвеститорите, постоеше ли неизвесност дали ќе биде прифатена една ваква храбра визија?
– Како еден од условите кој на почетокот се постави при започнување на проектот од страната на Инвеститорот беше постигнување на максимална функционалност и во целост задоволување на потребите на специфичната технологија, но истовремено и современ третман и пристап при обликувањето. На прв поглед многу едноставно! Технолозите задолжени за својот дел гледаа максимално да ги испочитуваат зададените услови, а ние како архитекти пак секогаш се залагавме да не се наруши нашата основна идеја. Во секој случај за вакви комплексни објекти каде влијаат доста фактори мора да се наоѓаат компромиси. Со самото тоа што од почетокот на проектот беше прецизно дефинирана проектната задача како и технологијата, за нас тоа беше поволен фактор за да може основната идеја да остане до крај онака како што ја замисливме. Сепак при разработката мораше да се извршат и одредени отстапки од основната идеја, но се со цел и во прилог на подобрување на функционирањето на објектот. Како елемент кој отстапува од концептот е уредувањето и обликувањето на барикот (делот со буриња) кој е третиран спрема желбите на Инвеститорот.
Дали несекојдневен објект неопходно значи и поскап објект?
– Секој објект се карактеризира со сопствени карактеристики и специфичности. Но не секогаш тие се одраз на финансиските можности и употребата на скапи материјали. Со инвентивен начин на употреба на материјалите може да се постигне и инвентивно обликување и добивање на интересен или несекојдневен краен производ привлечен како за „око“, така и за употреба од страна на крајните корисници
Можеби е клише, но какви беа вашите очекувања пред биеналето? Како го доживувате БИМАС и пред се како ја доживувате оваа награда?
– Ова беше наше прво изложување на БИМАС. Поради тоа најважно од се ни беше да го покажеме објектот на пошироката македонска јавност, а со тоа и ние да се промовираме како автори односно архитекти. Тоа и ни успеа и секако дека сме многу задоволни и поради освоената награда и поради големиот број на честитки и пофалби кои ги добивме директно од нашите колеги – архитекти. Секако ова признание е истовремено и обврска која мора да ја оправдаме во нашата идна професионална кариера.
Покрај вас, кој се учествуваше во создавањето на винаријата? Со кого соработувавте при проектирањето и кои се изведувачите?
– Идејниот проект го изработивме ние во целост. Фазата на изработка на основниот проект комплетно со сите негови фази целосно беше изработена од страна на Институтот за студии и проектирање на БЕТОН – АД Скопје, на чело со координаторот М-р. Блаже Панов д.г.и. и одговорните проектанти Вера Жежељ д.и.а и Викторија Будимовска Скаричева д.и.а, заедно со нивните соработници и колеги. Комплетен изведувач на градежните работи е ДГ БЕТОН АД – Скопје.
Според вас, кои стопански/индустриски објекти во Македонија отскокнуваат во архитектонски поглед?
– За жал може да констатираме дека моментално во Македонија се градат многу малку објекти од ваков вид. Од веќе изведените би можеле да се издвојат можеби производните погони и објекти на Johnson Controls, Swedmilk, Југоекспорт, Рио кафе и Дизајн фантазија.
Во Македонија веќе долго време мнозинството нови објекти кои се градат не се на некое високо архитектонско ниво. Се потфрла и естетски и функционално, заостануваме во употреба на современи и еколошки материјали и технологии. Инвеститорите најчесто се глуви за архитектонската фела. Дали се гледа крајот на „транзицијата“ на архитектурата во земјава и во кој правец треба да се делува за тоа да се случи?
– За жал во периодот на оваа наша „долготрајна и долгогодишна“ транзиција се градат секакви објекти. За тоа вината на архитектите е само делумна, затоа што сигурни сме дека тие во фазата на проектирање се обидуваат да го дадат својот максимум. Подоцнежната фаза односно фазата на изведувањето е онаа клучната кога сите проекти претрпуваат огромни преправки и пренамена од страна на Инвеститорите и другите заинтересирани и инволвирани страни. Поради тоа се додека Инвеститорите го имаат последниот збор и се додека секој метар квадратен се гледа само преку тоа колку тој чини ќе имаме краен производ каков што имаме. Секако чест на исклучоците кои се ретки, но сепак е важно дека ги има.
Ако не е тајна, на што работите периодов?
– Заеднички работиме на изработката на идеен односно основен проект за два индивидуални станбени објекти во населбите Водно и Драчево.
Викторија: Во моментот работам на еден многу интересен и необичен проект „Аудио центар за шумови и звуци за потребите на филмската продукција“ во околината на Скопје.
Александар: Во изминатите неколку месеци заедно со Минас Бакалчев д.и.а., Митко Хаџи Пуља д.и.а, Саша Тасиќ д.и.а, и Никола Стрезовски арх. работевме на неколку конкурсни трудови и тоа за хотел, мост, две гаражни куќи и Општинската куќа на општина Карпош за која освоивме 2-ра награда.
Винарија Стоби – галерија:
Биографија
Александар Радевски дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје во 1995 година на тема „Погон за рециклажа на комунален отпад“. По дипломирањето се вработил во архитектонското ателје „С+М“ кај архитектите Софија и Маргарита Хаџиеви во Скопје. Во 1998 бил примен за помлад асистент на катедрата за проектирање на стопански и индустриски згради на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде и денес работи. Покрај својата научно-наставна дејност, се појавува и на полето на архитектонското творење на објекти од стопански и индустриски карактер, како и станбени, здравствени и административни објекти. Учествувал на повеќе летни школи за архитектура во манастирот Св. Јоаким Осоговски во Крива Паланка, како и други работилници со студентите.
Викторија Ставриќ – Радевски дипломирала на Архитектонскиот факултет во Скопје во 1996 година на тема „Повеќенаменска спортска сала“. По дипломирањето се вработила во фирмата „Маркони“, каде учествувала или била носител на задачи за изработка на голем број проекти за ентериерно уредување и опремување со канцелариски мебел. Од 2008 година работи во фирмата „Нордика Инг“ како главен архитект.
Заеднички реализирани проекти:
• идејни, основни проекти и проекти за ентериерно уредување на индивидуални станбени објекти во населбите Тафталиџе, Капиштец, Водно, Аеродром, Црниче, Железара, Драчево, Припор, с.Петровец, с.Соње, с.Галичник, с.Стење, с.Нерези и др.
• идејни и основни проекти за неколку магацини и производни погони во с.Јурумлери, с.Петровец, с.Визбегово и др.
• идејни и основни проекти за неколку фарми за кокошки и производни погони во Косово
• идеен и основен проект за Куќа на часните сестри Св. Винко Паулски во Скопје
• основен проект за ентериерно уредување на главната зграда и експозитури во Скопје на Централен Регистар на Република Македонија
• основен проект за изработка на подни површини во црква Св. Петка во Скопје
• изработка на целосна техничка документација за постоечка споменичка целина Хавзи Пашини конаци во с.Бардовци, тим составен уште од архитектите Јован Радевски, Игор Неделковски, Маја Лукаревска, Дамјан Момировски и Митко Доновски
Индивидуална куќа:
Централен регистар: