Современ скијачки центар со хотели, викенд населба, патеки за скијање и ски – лифт во должина од 3,5 километри би можеле да се изградат кај месноста Јанков Камен на планината Јабланица. Според шпекулациите изнесени во медиумите, за изградба на зимско – рекреативниот центар над селото Вевчани се заинтересирал австриски инвеститор, при што целокупниот зафат би се реализирал преку моделот на јавно – приватно партнерство. Во текот на овој месец треба да биде објавен оглас за избор на субјект што ќе ја изработи проектната документација, за што од државната компанија МЕПСО веќе се обезбедени финансиски средства во износ од 250.000 евра.
* Ски – центарот би се изградил над Вевчани во месноста Јанков Камен
Од Општина Вевчани сметаат дека идејата за развој на овој вид планински туризам лесно би можела да се реализира поради тоа што на планината Јабланица има обилни врнежи од снег, кој се задржува седум месеци во текот на годината. Локалитетот на кој треба да се изгради скијачкиот центар има поглед кон Охридското езеро и е во непосредна близина на Струга и Охрид, но и на охридскиот аеродром. Од локалната самоуправа се надеваат дека спроведувањето на замислата во наредниот период би можела да донесе значителен развој на туризмот во овој регион.