Претходна статија
„Текнохосе“ гради уште еден погон во Бунарџик
Следна статија
Оглас за избор на проектна документација за куќи во населбата „Јака“

Значителен пад кај предвидените станови за градба во текот на август

Објавено на 08.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Урамнотежувањето на понудата и побарувачката на станови на македонскиот пазар на недвижности се спроведува делумно преку предвидените станови за градба. Во август се издадени одобренија за градење на само 218 станови, со вкупна корисна површина од 18.906 метри квадратни, што претставува огромно намалување од 64,7% кај бројот на станбени единици и од 63% кај нивната површина во однос на истиот месец од минатата година. Физичките лица добиле градежни дозволи за изградба на 140 станови, додека кај деловните субјекти оваа бројка изнесува 78, со корисна површина од 5.233 метри квадратни.

 

 

 

Според податоците на Државниот завод за статистика, инвеститорите во осмиот месец од годинава најзаинтересирани биле за вложување во трисобни (60) и еднособни станови (49). Најмногу одобренија за подигање станбени објекти се издадени во скопскиот регион (70), додека најатрактивна општина за инвестирање била Битола со 45, а по неа следуваат Тетово со 26 и Струга со 21 предвидени станови за градба. За прв пат во изминативе години на ова поле е забележлив застој во главниот град, што може да се согледа од фактот дека нема компанија или физичко лице што добило градежна дозвола за изведба на поголем станбен објект.

 

Негативни придвижувања во текот на август се констатирани во целокупниот градежен сектор. Статистичарите пресметале дека во текот на месецот се издадени 140 одобренија за градење, што е за 48,5% помалку во однос на истиот период лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 1.976.960 илјади денари што претставува пад од 5,9% споредено со август минатата година. Од вкупниот број на одобренија за градење, 91 (65%) се наменети за објекти од високоградба, 18 (12,9%) за објекти од нискоградба и 31 (22,1%) за реконструкција на објекти. Од 140 објекти, на 96 (68,6%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека на 44 зданија (31,4%) инвеститори се деловни субјекти.