Речиси четири месеци по почетокот на реконструкцијата на седиштето на Владата, проектантското биро „Архитектоника“ од Скопје е избрано да го подготви основниот и идејниот проект за адаптација на дел од содржините и ентериерно уредување на просториите во објектот. „Архитектоника“ е позната по изработката на основниот проект за неокласичната фасада на владата, но и по неколку победнички решенија за изградба на нови и реконструкција на постоечки зданија во духот на „Скопје 2014“. За реализација на проектантските услуги од државниот буџет таа ќе наплати 5.310.000 денари или над 85 илјади евра.
* Покрај неокласичната фасада, зафатот ќе вклучи и нов ентериер на владиниот објект
Според објавените информации на веб – страницата на Бирото за јавни набавки, времетраењето на договорот за изработка на основниот проект изнесува 150 денови. Во меѓувреме оперативата на компанијата „Бауер БГ“ работи на изведбата на новиот надворешен изглед на владиниот објект. На целото здание се поставени скелиња, додека дел од конструкцијата врз која ќе се изведува неокласичната фасада веќе е монтирана. Планираниот изглед на седиштето на македонската влада досега чини над 9,3 милиони евра, а допрва ќе треба да се потпишуваат договори и за изведба на идното ентериерно уредување.