Претходна статија
„Барокно“ Скопје го открива современо Кумамото
Следна статија
Експертите бараат поголема свест за употреба на несогорливи материјали во објектите

Се подготвува терен за комплексот на Субрата Рој во Љубаништа?

Објавено на 26.09.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Земјоделското земјиште во атарот на охридското село Љубаништа се пренамени во градежно земјиште, објави денес охридскиот интернет – портал „Охридњуз“. Оваа одлука е донесена од македонската влада и истата веќе е објавена во Службен весник. Со ваквиот чекор се отвора можноста за изградба на огромниот туристички комплекс на индискиот милијардер Субрата Рој на брегот на Охридското езеро. Покрај пренамената на земјоделското земјиште во градежни парцели, деновиве стигна и најава од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид дека наскоро ќе започнат археолошките истражувања во близина на селото Љубаништа, за кои се очекува префрлање на финансиски средства од Министерството за култура.

 

 

 

И покрај придвижувањата на подготвителните активности за реализација на мегаломанскиот проект, засега нема информации што ќе се случува во врска со разрешување на имотно – правните односи, бидејќи голем дел од земјиштето е во сопственост на локалните жители, но и на Дебарско – кичевската епархија на Македонската православна црква која во неколку наврати се изјасни дека не е заинтересирана за отуѓување на земјиштето. Останува отворено и прашањето за добивање мислење од страна на УНЕСКО во однос на проектот за изградба на комплексот бидејќи Охридското езеро се наоѓа на листата на светското природно богатство на оваа агенција на Обединетите нации. Од извонредно значење е и изработката на Студијата за оценка на влијанието врз животната средина, од причина што местото за градба е лоцирано во непосредна близина на три строго заштитени зони од националниот парк „Галичица“.

 

Индискиот милијардер Субрата Рој на крајот од декември минатата година објави дека сака да гради туристичко – рекреативен комплекс „Сахарајан Македонија“ на површина од 240 хектари во околината на селото Љубаништа. Со изработениот проект на британското студио „Аткинс“, предвидена е изградба на луксузни хотели, станбени објекти, објекти за забава, казино, марина и терени за голф на брегот на Охридското езеро, но и во самите води на заштитениот споменик на природата.