Претходна статија
Експертите бараат поголема свест за употреба на несогорливи материјали во објектите
Следна статија
Отворен нов затвор во Кумановско

Фотоволтаиците и малите хидроелектрани станаа атрактивни за инвестирање во земјава

Објавено на 29.09.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Иако во моментов имаат незначителен удел во производството на електрична енергија во земјава, инвестирањето во фотоволтаичните електрани и малите хидроелектрани зема замав. Последните податоци на Агенцијата за енергетика покажуваат рапиден пораст на инвестициите во енергетски објекти што ги искористуваат сонцето и водата како извори на енергија, при што дури 30 од нив се впишани во регистарот во текот на 2013 година. Заклучно со 31 август годинава, во „Регистарот на електроцентрали за производство на електрична енергија од ОИЕ“ се впишани 30 фотоволтаични електрани со вкупна инсталирана моќност од 7,081 мегавати и планирано годишно производство на 9.596 мегават – часови електрична енергија.

 

Слично како и кај соларните електрани, значајни позитивни придвижувања се констатирани и кај малите хидроелектрани. До крајот на август се регистрирани 22 енергетски објекта од овој вид, со вкупно инсталирана моќност од 12,57 мегавати и предвидено годишно производство на електрична енергија од 57.534  мегават – часови. Очекувањата за наредниот период се овие енергетски објекти да го зголемат уделот на обновливите извори во вкупното производство на електрична енергија во земјава. Дополнителен стимул во таа насока треба да биде и одлуката за зголемување на вкупната инсталирана моќност за повластените производители на електрична енергија од сонцето на вкупно 18 мегавати.

 

Со одлуката, која македонската влада ја донесе пред неколку месеци, се зголеми и повластената цена за откуп на електрична енергија од капацитетите што ја користат биомасата и биогасот како енергент.