Претходна статија
Удрени темелите на ТИРЗ „Струмица“
Следна статија
Во јубилејната 150-та година од основањето, GEZE ќе ги претстави своите најнови продукти во Македонија

За дури 22,4% се зголемил бројот на завршени станови во 2012 година

Објавено на 22.09.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Поголема понуда на станови, намалени цени за нивно купување. Вака најкратко би можело да се опишат придвижувањата кај овој вид недвижности во текот на 2012 година. Според податоците од публикацијата „Градежништвото во Република Македонија, 2008-2012“ на Државниот завод за статистика, во минатата година бројката на завршени станови изнесувала 6.433, што претставува зголемување од дури 22,4% во споредба со 2011 година. Воедно, ваквата цифра претставува убедливо највисока во однос на сите останати години во периодот од 2008 до 2012 година. При реализацијата на објектите, инвеститорите во 2012 година се насочиле најмногу кон изградба на двособни и трисобни станови.

 

Скопскиот регион убедливо предничи на ниво на целата земја со завршени 2.231 нови станови, а по него следуваат југозападниот (1.112) и полошкиот регион (941). По општини, најмногу недвижности од овој вид во текот на изминатата година се изградиле во Охрид – 579 станови, во скопски Аеродром 554, додека во Куманово се комплетирале 394 станбени единици. Статистичката публикација покажува дека во 2012 година останале незавршени 4.999 станови, со површина од 374.809 метри квадратни.

 

#И покрај ваквите показатели за презаситеност на пазарот од изградбата на нови станови, во 2012 година незначително се намалила нивната продажна цена. Статистичарите пресметале дека просечната продажна цена на становите за кои е договорена изградба од деловни субјекти изнесувала 49.941 денари или за минимални 0,4% помалку во споредба со онаа од 2011 година. Сепак, ако се направи компарација со 2008 година, тогаш вредноста на овој вид недвижности опаднала за повеќе од 10%. Истовремено, трошоците во градежништвото за изградба на нови објекти за индивидуално домување лани се зголемиле за 1,6%, се наведува во публикацијата „Градежништвото во Република Македонија, 2008-2012“.