Покрај староста и нечистотијата на македонските возови, патничкиот железнички сообраќај не може да одговори и на логичните потреби на граѓаните кои го користат ова превозно средство. Патничките возови неретко се употребуваат за транспорт на кози и овци, плакари и телевизори, вреќи компири и делови од автомобил, но не претставуваат и ефикасна опција за превоз на велосипеди на граѓаните. За разлика од останатиот вид товар, точаците во возовите на европските железници се адекватно прифатени и корисниците во континуитет се стимулираат да го земат својот љубимец на две тркала при патувањето во специјалните вагони за оваа намена.
Искуствата на поединци што сакаат да превезат велосипед во македонски воз се навистина раритетни. „На одење кон Битола кондуктерите воопшто не ми побараа пари за да го качам велосипедот во воз. На враќање од Битола кон Скопје имаше гужва во возот и воопшто не ми дозволуваа да влезам со него, иако се понудив да платам колку што треба. Во возот имаше еден човек што носеше плакар со себе. После долгото натегање со двајцата кондуктери, ме пуштија да го ставам велосипедот во делот за багаж“, го раскажува своето патешествие студентот Данило А. Тој напоменува дека железницата треба јасно да истакне дали може или не смее да се патува со велосипед во возовите, колку чини тарифата за секоја релација и на кого треба таа да се плати.
Порталот „Билд“ испрати прашања до раководството на Македонски железници – Транспорт, но до пишувањето на овој текст не добивме никаков одговор на оваа тема. Единствен извор на информации што може да се искористи за оваа цел е прикачениот тарифник за превоз на багаж на веб – страницата на МЖ – Транспорт. „Минималниот износ за превоз на багаж изнесува 30,50 денари од пратката, освен превозот на велосипеди кој изнесува 30,50 денари за парче, а за мотори најмалку 64 денари за парче“, стои во нејасното и кусо образложение во официјалниот документ. Поради непостоењето на конкретни информации, се случува патниците често бесплатно да го превезат својот велосипед, понекогаш во текот на патувањето да им се наплати за услугата од кондуктерите, но неретки се и случаите воопшто да не се дозволи влез на граѓанинот со велосипед во возот.
Покрај проблемите со сумата што треба да се плати, вагоните и гарнитурите на Македонски железници – Транспорт немаат адекватен простор за сместување на поединци што патуваат со велосипед. Доколку им се допушти да влезат, тие се приморани превозното средство да го сместат на крајот од вагонот или пак да го држат до себе, попречувајќи им ја удобноста на останатите патници. Единствено во дизел моторните гарнитури има адекватен простор за багаж каде можат да се сместат и велосипеди, но и тогаш тие мора да бидат под будното око на нивните сопственици долж целото патување. Рачки за закачување на велосипеди во македонските возови нема, ниту пак посебни купеа во кои овие патници можат да се сместат.
Германската железница раководи со јавен велосипедски транспорт во 60 градови
За разлика од жалната состојба во Македонија, европските земји уште пред повеќе од една деценија го започнаа процесот за интегрирање на железничкиот со велосипедскиот транспорт. Тамошните управи увидоа дека инвестирањето во овие проекти не одзема големи финансиски средства, а резултатите од нив се погодни за нивното финансиско работење, но и за намалување на сообраќајниот метеж во градовите. Германската државна железница („Дојче бан“) им нуди на своите патници посебна велосипедска карта, заедно со билетот на патникот, со која може да резервираат место во кој било специјално означен вагон за таа намена во возовите што сообраќаат низ целата земја. На тој начин, граѓаните можат со својот велосипед да патуваат до друг град, и наместо да користат автомобил или јавен превоз, се превезуваат со сопственото превозно средство до посакуваната дестинација.
Покрај со развојот и управувањето на железничкиот сообраќај, „Дојче бан“ веќе единаесетта година управува со огромниот велосипедски систем „Повикај велосипед“ (Call a Bike). Корисниците на нивните услуги, но и останатите граѓани, можат да си нарачаат велосипед преку телефон. Иновативниот систем функционира во речиси 60 поголеми градови во Германија, а посебни пунктови за земање на велосипеди има на железничките станици, главните плоштади, метро станиците и на останати јавни простори. Велосипедот може да се користи неограничено во текот на еден ден за максимум 15 евра, а во некои градови првите 30 минути од неговата употреба се бесплатни за граѓаните. Податоците на „Дојче бан“ покажуваат дека бројот на регистрирани корисници на овие велосипеди во 2012 година пораснал на рекордни 430.000 лица.
Патентираниот германски систем за изнајмување велосипеди веќе се тестира во Тел Авив, а Германските државни железници победија и на конкурсот за избор на компанија што ќе го спроведе јавниот систем за изнајмување велосипеди во Копенхаген. Покрај во Германија, опцијата за превоз на велосипеди во возовите е достапна во сите земји – членки на ЕУ. Во Унгарија секоја патничка гарнитура во внатрешниот сообраќај има одделен простор за патниците кои патуваат со својот љубимец на две тркала. За жал, единствен исклучок од ваквите еколошки проекти се балканските земји. Во овој дел предничат Македонија, Србија, Бугарија, Косово, Албанија, БиХ и Црна Гора, каде што транспортот на велосипед со железница претставува исклучок, а не вообичаена практика.
Бојан Блажевски