Претходна статија
Нов оглас за изградба на шпанските скали на плоштадот „Македонија“
Следна статија
Се продава земјиште за изградба на фотоволтаични електрани во Македонски Брод

Застој во изградбата на нови станови во јули

Објавено на 05.09.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Инвестирањето во изградба на нови станови во моментов е неатрактивно за македонските компании и физичките лица. Според податоците на Државниот завод за статистика, во јули 2013 година била предвидена изградба на 324 станови, со вкупна корисна површина од 29.695 метри квадратни, што претставува остар пад од 79% кај бројот на станбени единици и од 72,8% кај нивната површина во споредба со идентичниот период лани. Во соопштението од статистика се наведува дека главната причина за ваквото намалување е минатогодишното издавање на одобрение за градба на станбен објект во општина Аеродром со голема вредност и број на станбени единици.

 

 

 

Од вкупно 324 станови, физичките лица се јавуваат како инвеститори на 189, додека деловните субјекти во јули обезбедиле градежни дозволи за подигање на 135 единици за домување, со корисна површина од 9.310 метри квадратни. Како најатрактивни за градба и понатаму остануваат трисобните (101) и двособните станови (85). Како и досега, скопскиот регион со 95 планирани станови за градба предничи во споредба со останатите делови на земјава, а по него следуваат источниот со 50 и пелагонискиот регион со 46 предвидени домови за градба. Во делот на локалните самоуправи, во јули најатрактивна за инвестирање била општина Карпош (63), а по неа следуваат општините Битола (43) и Струмица (42).

 

Статистичките податоци покажуваат и дека во седмиот месец од годинава се издадени 179 одобренија за градење, што е за 26% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Врз основа на издадените градежни дозволи, пресметано е дека предвидената вредност на објектите изнесува 1.452.757 илјади денари, што претставува пад од 91,6%. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 143 (79,9%) се наменети за објекти од високоградба, 9 (5%) за објекти од нискоградба и 27 (15,1%) за објекти за реконструкција. Од 179 зданија, на 139 (77,7%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека на 40 објекти (22,3%) инвеститори се деловни субјекти.