Долгогодишниот проблем со непостоењето на подземен катастар за македонските градови наскоро ќе биде решен. Законските промени за да профункционира проектот „Подземен катастар“ веќе се направени, од вчера е ставен во функција подзаконскиот акт, а во тек е и набавка на софтвер што ќе се користи за издавање на изводи. Во наредните 40 дена треба да се заврши со набавката на софтверот, по што до февруари наредната година тој ќе се полни со податоци во врска со инфраструктурата што се наоѓа под урбаните средини во земјава. „Некаде во февруари идната година можеме да ги очекуваме првите изводи од подземниот катастар што на компаниите ќе им служи многу ако сакаат да изградат или да направат нешто“, истакна во денешната изјава премиерот Никола Груевски.
Со исклучок на напорите што ги вложуваат мал дел од општините, македонските градови во моментов немаат подземен катастар на целокупната електрична, телефонска, водоводна, комунална и останата мрежа што се наоѓа под објектите и неизграденото земјиште. Поради овој недостаток во изминативе неколку години се појавуваа огромни проблеми при реализацијата на поголеми проекти, но и при изведбата на истите граѓаните остануваа без електрична енергија, вода, телефон и интернет поради уништената инфраструктура за време на изведбата на градежните работи.