Со констатираното намалување од 22,4% во транспортот на стока и пад од 12% во превозот на патници во второто тримесечје од 2013 година, железницата во земјава продолжува да се движи кон континуирано губење на позицијата на македонскиот транспортен пазар. Веќе неколку квартали по ред трае трендот на забрзан пад на користењето на македонските возови. Според податоците на Државниот завод за статистика, во вториот квартал од годинава се превезени 221 илјади патници и 580 илјади тони стока. Ако продолжи ваквиот тренд, постои опасност Македонски железници – Транспорт да ја заврши годинава со еден од најслабите статистички биланси во работењето од осамостојувањето на земјава.
Периодот април – јуни бил неповолен и за патниот сообраќај. Бројот на превезени лица во патниот превоз изнесува 4.051.000, што претставува намалување од 0,3% во споредба со истиот период лани. Во делот на товарниот сообраќај, со камиони се превезени 7.907.000 тони стока или за 13,8% помалку во однос на второто тримесечје од 2012 година. Статистичките податоци покажуваат дека градско – приградскиот превоз го користеле 18.366.000 граѓани, односно за 3,1% помалку во однос на идентичниот период од минатата година.
Единствена позитивна ставка во македонската транспортна статистика е авиосообраќајот. Бројот на транспортирани патници во воздухопловниот превоз во второто тримесечје од 2013 година изнесува 277.049, што претставува пораст од 21,7% во однос на истиот квартал лани и од дури 44,3% во споредба со претходниот квартал од 2013 година. Од јануари до јуни преку двата македонски аеродроми пристигнале и си заминале 469.006 лица. Зголемување од 9% во периодот април – јуни 2013 година е забележан и кај товарниот воздухопловен транспорт.