Прилеп доби нов сообраќаен влез во градот од страната на Скопје. Првата фаза од реконструкцијата и проширувањето на булеварот „Александар Македонски“ е завршена. Градежната оператива во изминатите девет месеци работеше на реализација на 800 метри од трасата помеѓу бензинските пумпи на „Лукоил“ и „Макпетрол“. Со зафатот се изведени четири коловозни ленти, по две во двата правци, велосипедска и пешачка патека и е поставено ново осветлување долж булеварот. Во проектот се вложија околу 30 милиони денари преку кредит од Светската банка.
Пред завршувањето на првата етапа, започна остварувањето и на втората фаза од проектот за проширување на оваа значајна сообраќајница за Прилеп. Финансиските средства за дополнителното проширување во должина од 1.200 метри веќе се обезбедени, а во следниов период треба да се избере градежна компанија што ќе ги изведе активностите за реконструкција на трасата до крстосницата кај некогашната фабрика „Солидарност“. Со целосното завршување на овој зафат ќе се овозможи намалување на сообраќајниот метеж во градот, ќе се обезбеди брза врска од влезот до центарот на Прилеп и ќе се подобри безбедноста во сообраќајот.