Денеска беше отворена ТИРЗ Штип, првата Технолошко – индустриска развојна зона во источна Македонија, воедно и најголема од сите вакви планирани зони во државава. ТИРЗ Штип е лоцирана во близина на населбата Три Чешми, се простира на 208 хектари и опфаќа 37 големи парцели. Камен темелникот беше поставен во март 2010 година и досега е изградена главната сообраќајница во должина од 2,2 километри, водоводна инсталација, атмосферска и фекална канализација, електроенергетска мрежа, телекомуникациска инфраструктура, како и улично осветлување.
Првиот инвеститор во зоната – „Џонсон Контролс“, започна со изградба на фабрика за тапацир за автомобилски седишта уште во октомври 2011 година. Засега се најавува влез на уште еден инвеститор, чиј идентитет не се обелоденува, а веќе закупил 6.000 метри квадратни веднаш до парцелата на „Џонсон Контролс“, каде ќе гради фабрика за градежни материјали.
„Кон средината на следниот месец планираме да отпочне градбата на ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Радовиш. Проектите се завршени, се очекува распишување на тендер и некаде во месец ноември да отпочне со градба и оваа зона. Во првата половина на следната година планираме да се започне со градба и на зоните во Делчево, Виница и Берово. Во моментов се градат зоните во Кичево, Прилеп и во Гевгелија. Зоната во Кичево очекуваме да биде функционална на почекот на 2015 година, а во исто време, во завршни подготовки е ТИРЗ Скопје 2 која очекуваме да биде функционална до крајот на оваа година. На овој начин нашата интенција е да ги покриеме сите региони на нашата земја за кои има интерес и за кои веруваме дека може да привлечат интерес за нови инвестиции и нови фабрики“ изјави премиерот Никола Груевски на денешното отворање на штипската слободна економска зона.