Претходна статија
И Министерството за култура ќе обновува фасади на „Илинденска“
Следна статија
Поништена зделката за „Дрисла“ тешка 74 милиони евра

Потрага по вода на Водно за планираниот ски – центар

Објавено на 20.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Проблемот со недоволните снежни врнежи, со кој се соочува проектот за ски – центар на Водно, ќе се надмине со поставување на машини за производство на вештачки снег. Потребните количини вода за производство на вештачкиот снег ќе се бараат на самата планина, иако сè уште останува отворена можноста со цевковод да се носи вода од друг извор, но таквата опција се оценува како поскапа и технички посложена.

 

Град Скопје објави дека склучил договор со „Градежен институт Македонија“ АД, за изработка на физибилити студија за испитување и утврдување на квантитативните и квалитативните карактеристики на подземните води, заради водоснабдување на локалитетот „Ски центар Водно“ и изработка на техничко решение за зафаќање и дистрибуција на водите за потребите на локалитетот. За ангажманот на акционерското друштво ќе му бидат исплатени 3.970.700 денари или околу 65 илјади евра.

 

#Ски – центарот според замислата на градските власти треба да го реализира приватен инвеститор кој би вложил во изградба на четири ски – патеки од врвот на планината во правец кон селото Нерези, со вкупна должина од 3.850 метри, три ски – лифта со должина од 1.350 метри, центар за изнајмување скии, ресторан и административен објект, а за возврат би добил концесија врз него во период од 25 години. Сепак, првиот обид на Градот да најде инвеститор пропадна поради тоа што на огласот не се пријави ниту еден заинтересиран субјект. „Град Скопје не се откажува и понатаму прави сериозни напори за реализација на проектот ски патеки на Водно. Распишувањето на тендерот за пронаоѓање на води е проект кој на индиректен начин обезбедува водоснабдителна инфраструктура за Врвот на Водно, а со тоа и за предвидените спортско рекреативни содржини.“ наведуваат од службата за односи со јавност на градоначалникот Коце Трајановски, во изјава за телевизијата „Алфа“.