Претходна статија
Катната гаража кај „Нова Македонија“ нема да се гради
Следна статија
Започна изградбата на првата термоелектрана на биогас во Македонија

Субвенцијата за половина учество од проектот „Купи куќа, купи стан“ стана неповратна

Објавено на 12.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Нова поволност за подигнување на интересот за владиниот проект „Купи куќа, купи стан“. Граѓаните коишто аплицираат за државни субвенции за обезбедување сопствен дом отсега ќе можат да добијат неповратни 50% од учеството во кредитот или до 6.250 евра за стан во случај кога кредитот е 50.000 евра. Идентично како кај становите, државата во иднина ќе покрива 75% од учеството при изградба на куќа, така што за кредит од 50.000 евра на граѓаните им се доделуваат 9.375 евра. Оние корисници на овој модел што веќе аплицирале или пак добиле кредит, нема да имаат обврска учеството да го враќаат. Поволноста важи за оние апликанти што ќе го почитуваат воспоставеното правило за враќање на подигнатиот кредит во рок подолг од 10 години.

 

 

 

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за економскиот интернет – портал „Економски.мк“ вели дека средствата од државата и во моделот „Половина рата“ остануваат неповратни. „Во „Половина рата“ за 50.000 евра кредит ратата изнесува 330 евра од кои корисникот плаќа само 82 евра, а државата 250 евра во првите пет години. Сите тие што плаќаат кирија од 100 евра месечно, можат наместо тоа да плаќаат 82 евра месечна рата и да изградат куќа или да си купат стан“, истакнува вицепремиерот Ставрески. На тој начин, државната субвенција преку овој модел би достигнала 10.000 евра при купување стан или 15.000 евра при изградба на куќа.

 

Граѓаните ќе можат да ги поднесат своите апликации за станбен кредит најдоцна до 31 декември 2013 година. Барањата за добивање кредит се поднесуваат во експозитурите на следниве осум банки: НЛБ Тутунска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Алфа, Прокредит, Стопанска – Скопје и Стопанска – Битола.