Наскоро ќе започне остварувањето на долгонајавуваното ветување за изградба на нова жичара во рамките на скијачкиот центар Попова Шапка. Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) објави оглас за избор на најповолен понудувач што ќе проектира и ќе изгради жичара – шестосед, вклучувајќи ги и неопходните активности за пуштање во пробна работа и обезбедување на одобрение за употреба на објектот. Како критериуми во огласот се наведени цената, како и ефикасноста и перформансите на жичарата. Најповолниот понудувач на тендерот ќе добие рок од 12 месеци за целосна реализација на проектот. Заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди до дирекцијата на ЕЛЕМ најдоцна до 23 септември.
Изведбата на нова жичара – шестосед е дел од пообемниот проект на ЕЛЕМ за инвестирање на 30 милиони евра во целосна обнова на ски – центарот Попова Шапка. Покрај жичарата, во неколку фази во претстојниот период ќе се работи и на реконструкција на пристапниот пат, зголемување на капацитетот на паркиралиштата, изведба на нови скијачки патеки и инсталација на опрема за вештачки снег во комплексот. Во владината програма за работа е наведено дека до 2015 година треба да биде завршен проектот за санација и проширување на Попова Шапка, која во моментов ги опслужува туристите со две двоседни жичари и девет ски – лифтови.