Претходна статија
Живнува активноста на македонските градежници на странските пазари
Следна статија
Градската болница „8-ми Септември“ ќе добие нови простории за дежурната служба

Градежниот сектор апстинира од изградбата на нови станови

Објавено на 09.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Значителен пад на бројот на предвидени станови за градење и на нивната корисна површина во текот на јуни годинава. Според податоците на Државниот завод за статистика, во шестиот месец од 2013 година издадени се одобренија за градење на 199 станови со вкупна корисна површина од 20.451 метри квадратни, што претставува намалување од дури 68,4% во делот на бројот на станови, како и од 56,9% кај нивната корисна површина во однос на јуни 2012 година. Намалените апетити на инвеститорите за вложување во нови станови може да се протолкуваат како последица на заситеноста на македонскиот пазар на недвижности, која резултираше со огромна бројка на непродадени станови во веќе завршените станбени згради. Физичките лица како инвеститори се јавуваат во 171 предвидени станови за градење, додека деловните субјекти ја започнале градежната постапка за 28 станбени единици, со површина од само 1.670 метри квадратни.

 

 

 

Како и досега, инвеститорите во овој вид недвижности и понатаму најзаинтересирани се за изградба на двособни и трисобни станови – од предвидените 171, дури 52 ќе бидат трисобни, додека 40 ќе имаат две соби. Најмногу одобренија за градење на нови станови во јуни се издадени во скопскиот (95), полошкиот (40) и вардарскиот регион (14). Традиционално, најголем број на предвидени станови ќе се градат во скопските општини Центар (21), Карпош (21) и Ѓорче Петров (20). Бројот на планирани станови за градење паѓа веќе трети месец по ред во тековната година.

 

Во денешното соопштение на Државниот завод за статистика се истакнува и дека во јуни 2013 година се издадени 180 одобренија за градење, што е за 27,7% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите што допрва ќе се градат изнесува 1.507.972.000 денари, што е за 83,1% помалку во споредба со идентичниот период лани. Од вкупниот број на одобренија за градење, 139 (77,2%) се наменети за објекти од високоградба, 14 (7,8%) за објекти од нискоградба и 27 (15%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 180 зданија, на 139 (77,2%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а кај 41 објекти (22,8%) инвеститори се деловни субјекти.