ГТЦ ФОРУМ продолжува и овој четврток, со почеток од 20 часот во паркот „Жена – борец“. Како и досега, на трибината ќе се обратат познати јавни личности кои ќе го искажат својот став против менувањето на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар, а во дискусијата може да земат учество и граѓаните со сопствени мислења. Во рамките на настанот организаторите ќе се осврнат и на институционалните реакции на граѓанската иницијатива против промената на препознатливиот изглед на овој репрезентативен објект во центарот на Скопје. Граѓаните и овој четврток ќе можат да се потпишат на петицијата за зачувување на автентичноста на ГТЦ. Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија и понатаму опстојуваат на ставот дека проектот за нова фасада и доградба на ГТЦ би ја уништил архитектурата на зданието и неговата функција на пешачки коридор во центарот на Скопје.
Ова е четврта по ред јавна трибина и шести настан што се организира како реакција на најавената промена на сегашниот изглед на ГТЦ. Раководството на трговскиот центар на крајот од мај го избра идејното решение на Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, со кое објектот би добил барокна фасада, доградба на последниот кат, три куполи, десетици антички столбови и бројни скулптури кои ќе треба да се вклопат во владиниот проект „Скопје 2014“.