Претходна статија
Распишан тендерот за реконструкција на скопската железничка станица
Следна статија
„Гранит“ ќе ја гради телекомуникациската кула на Водно

Значителен пад на предвидените станови за градба во текот на мај

Објавено на 05.07.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По подолготрајниот период на константен подем на изградбата на станбени површини, втор месец по ред во Македонија се бележи намалување на бројот на предвидени станови за градба. Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на мај годинава се издадени одобренија за градење на 354 станови, со вкупна површина од 35.050 метри квадратни, што претставува намалување од 29,8% во бројката на планирани станови и пад од 18,6% на корисната површина во споредба со истиот месец од минатата година. Деловните субјекти се јавуваат како инвеститори на 93 станбени единици со површина од 7.516 метри квадратни, а останатите живеалишта ќе ги градат индивидуални лица.

 

 

 

 

Статистичките податоци покажуваат дека најголем интерес од инвеститорите има за изградба на трисобни (95) и за двособни станови (77). Како и досега, изведбата на овој вид недвижности и понатаму ќе биде сконцентрирана во скопскиот регион, каде е предвидено да се подигнат 197 станови, а по него следуваат полошкиот со 49 и североисточниот регион со 47 планирани станови. На ниво на локални самоуправи, најголем број на станови за градба се предвидени во општините Центар (53), Аеродром (51) и Куманово (39).

 

Во петтиот месец од 2013 година се издадени 209 одобренија за градење, што е за 14,7% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 1.739.553 илјади денари или за 24,2% помалку во споредба со идентичниот период лани. Од вкупниот број на градежни дозволи, 168 (80,4%) се наменети за објекти од високоградба, 23 (11%) за објекти од нискоградба и 18 (8,6%) за објекти за реконструкција. Во 162 зданија (77,5%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека кај 47 објекти (22,5%) инвеститори се деловни субјекти.