Најавениот меѓународен тендер за реконструкција на железничката станица во Скопје е објавен денеска, заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди до 3 септември, а изборот на најповолната понуда и почетокот на градежните активности треба да се очекува во јануари 2014 година. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес конференција објави дека санацијата на железничката станица ќе трае 12 месеци, така што до 2015 година главниот град ќе добие целосно реконструиран објект. „Проектот го реализираме со помош на ЕУ, со финансии во износ од 2,5 милиони евра, од кои 85 проценти се од ИПА фондовите, а 15 проценти од домашно финансирање. Реконструкцијата се случува по цели 33 години“, изјави министерот Јанакиески.
Во согласност со проектната документација изготвена од холандската компанија „Гронтмеј“ (Grontmij), најголем дел од реконструктивниот зафат ќе значи внатрешно уредување, поточно на приземјето, мезанинот и платформското ниво. Санацијата ќе опфати подигање на нивото на перонската платформа, поставување на два нови лифта, замена на скалишните краци од мезанинот до платформата со нови, реновирање на чекалните, поставување на нови информативни табли за патниците, реновирање на влезот на станицата со пристап за лица со хендикеп и санација на тоалетите. На покривот од платформите е предвидено да се инсталира фотонапонски систем, при што соларните панели ќе произведуваат електрична енергија за потребите на објектот. Со планираниот зафат нема да се менува постоечкиот надворешен изглед на станицата.
Проектот за реконструкција на железничката станица во Скопје се ветува повеќе од две години. При изборот на консултантска куќа за изработка на проектната документација во ноември 2011 година, беше најавено дека реконструкцијата на овој репрезентативен објект ќе заврши најдоцна до средината на 2014 година.