Наместо секој петок, иницијативата „Го сакам ГТЦ“ се поместува во четвртоците и истата ќе продолжи да се реализира со серија на настани и во текот на јули. За утре, со почеток од 20 часот, во паркот „Жена борец“ е закажана уште една јавна трибина – форум, на која како говорници е предвидено да се обратат режисерот Александар Поповски, ликовниот уметник Јане Чаловски и уште неколку други познати јавни личности. Како и досега, тие ќе ја искажат својата критика на одлуката за промена на постоечкиот изглед на Градскиот трговски центар, а своето мислење на собирот ќе може да го искаже и било кој од присутните граѓани.
Во рамките на настанот, граѓаните ќе можат да се потпишат на петицијата за зачувување на ГТЦ во неговата автентична состојба, да ги напишат своите мислења поврзани со темата „Зошто го сакам ГТЦ?“, но и да остават пораки до архитектите – автори на барокната фасада и до раководството на ГТЦ. На утрешната манифестација ќе бидат прочитани отворените писма до надлежните власти од страна на организаторите на настанот и ќе се отвори дискусија за последните промени и дополнувања на ДУП „Мал Ринг“ од декември 2012 година. Победничкото идејно решение за менување на постоечкиот изглед на ГТЦ беше објавено на крајот од мај.