Локалната власт на главниот град денеска распиша Конкурс за избор на идејно решение за реконструкција на фасади на објекти што се лоцирани долж булеварот „Илинден“, на потегот од седиштето на владата до фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк. Архитектите ќе треба да изработат одделни идејни решенија за осумнаесет објекти, за кои повеќе од три години се ветува дека ќе бидат санирани како репрезентативни архитектонски примероци во главниот град, изградени во првата половина на XX век. Од учесниците на конкурсот се очекува да достават трудови во кои ќе биде забележителна инвентивноста во пристапот на обликување, изводливоста, одржливоста и економичноста на решението, почитување на програмските барања и на законските прописи за реконструкција на фасади.
Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите замисли најдоцна до 16 септември во просториите на Град Скопје. За секој од победничките трудови ќе се додели прва награда во нето износ од 25.000 денари. По успешното спроведување на конкурсот, градската власт планира да распише оглас за изработка на основен проект за санација на фасадите. Идејата за интервенција врз овие фасади беше обелоденета во 2010 година при реконструкцијата на булеварот Илинден, а по иницијатива на Град Скопје. Последно ветување за нејзина реализација упати претходниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ.