Претходна статија
Започна изградбата на каналот за отпадни води во Арачиново
Следна статија
Наместо подземен паркинг, кај собранието ќе се гради катна гаража

ААМ со нови мерки против менувањето на изгледот на ГТЦ

Објавено на 18.06.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Собирање на потписи во работните денови и организирање различни граѓански акции секој петок. Ова се новите мерки од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), со кои таа планира и во иднина да се бори за зачувување на постоечкиот изглед на Градскиот трговски центар. Граѓаните од денес повторно можат да го дадат својот потпис на петицијата на западниот влез на ГТЦ, од страна на плоштадот „Македонија“. Оваа можност граѓаните ќе ја имаат секој работен ден барем до 1 јули, во периодот од 10 до 20 часот. Според информациите од ААМ, само во текот на денешниот ден се собрани неколку стотици нови потписи од граѓаните.

 

 

 

 

Покрај петицијата, секој петок ќе се организираат различни акции со кои ќе се искаже поддршката за зачувување на препознатливиот карактер и дух на ова здание во центарот на Скопје. За овој петок е најавено поставување на кутии, во кои граѓаните ќе можат да ги остават остават своите пораки до власта, градежните компании и до самите архитекти. Од асоцијацијата се надеваат на успех во зачувувањето на автентичноста на ГТЦ. На крајот на мај, раководството на ГТЦ го избра архитектонскиот труд на авторот Жарко Чаушевски, со кој се предвидува објектот да добие барокна фасада, доградба на последниот кат, поставување на три куполи, десетици антички столбови и тераса со бројни скулптури.